Нема продукти во Кошничката.

СЕЗОНСКИ АЛЕРГИИ

HomeBlogСЕЗОНСКИ АЛЕРГИИ

Кивавици, насолзени очи, чешање, кашлица… Ако овие симптоми ви звучат познато, можеби сте еден од милионите луѓе во светот, коишто секоја година страдаат од сезонски алергии, а најчеста причина за појава на истите е ─ поленот.

       Но, што всушност е поленот?

Поленот е збир од мали честички кои ги произведуваат растенијата. Тие обично изгледаат како ситни жолти точки и понекогаш може да ги видите како лебдат на ветрот или се таложат како ситна прашина.

Поленот им овозможува на растенијата да се размножуваат и да го шират својот генетски материјал. Откако ќе се ослободат, може да бидат вдишани и да ги иритираат синусите, што доведува до алергиски симптоми како: чешање на очите, течење/затнатост на носот, главоболки, необјаснива кашлица.

Дрвјата обично почнуваат да се опрашуваат (да го шират својот полен) напролет. Во текот на летото, тревите се доминантни опрашувачи. При крајот на летото и почетокот на есента, растенијата, како што е ајдучката трева, го ослободуваат својот полен. Ако сте алергични на еден од овие видови полен, голема е веројатноста дека одредена сезона ќе ви предизвикува многу поизразени симптоми.

       Симптоми на сезонска алергија

Сезонските алергии обично ги засегаат: ушите, очите, носот, грлото, кожата и респираторниот систем. Најчести симптоми на сезонските алергии се:

  • назална конгестија (затнат нос)
  • печење на носот
  • болки во грлото
  • кивање
  • кашлање
  • чешање на очите
  • насолзени очи
  • црвени, подуени очи
  • осип на кожата
  • главоболки

Луѓето што се  алергични на полен можат да имаат иста реакција и на некои прехранбени производи. Овој вид на алергија се нарекува вкрстена алергија и најчесто се јавува спрема одредени видови свежо овошје, зеленчук и јаткасти плодови. Симптомите на овој вид алергија  вообичаено се јавуваат во рок од 5 до 10 минути по јадење на свежото овошје или јаткастите плодови и вклучуваат:

  • трпнење околу усните
  • горење околу устата
  • тешкотии со дишењето
  • орални плускавци
  • оток на усните, јазикот или грлото.

Една од главните причини за појава на симптомите на сезонските алергии е хистаминот. За среќа, постојат неколку природни начини за намалување на хистаминот и стабилизирање на мастоцитите, по што настапува долгорочно намалување на симптомите на алергија.

       Шест докажани начини за ослободување од сезонските алергии

  1. Намалете ги алергените во домот

Ограничување на алергените е првиот чекор кон спречување на симптомите на алергија. Еве неколку начини кои ќе ви помогнат:

  • Филтрирање на воздухот. За да го филтрирате воздухот во вашиот дом и канцеларија, користете ХЕПА-филтер.
  • Држете ги прозорците затворени.
  • Веднаш тргнете ги чевлите и надворешната облека при влегувањето во куќата.
  • Често менувајте ги постелнините и перете ги постелнините и навлаките за перници на висока температура (60 или 90 °С).
  1. Намалете ја изложеноста на алергени кога сте надвор

За да ја намалите изложеноста на полен кога сте на отворено:

  • обидете се да правите активности на отворено навечер, кога не е ветровито, па дури и додека врне, за да ја намалите изложеноста на полен,
  • кога ќе се вратите од активности на отворено, туширајте се и преслечете ја облеката за да го отстраните поленот од косата и кожата.
  1. Намалете го хистаминот во исхраната

Избегнувањето на хистамин преку исхраната е исто така многу важно. Еве кои видови храна, на еден или друг начин, водат до зголемување на нивото на хистамин во телото:

  • алкохол
  • ферментирана храна (кисели краставички, кисела зелка, туршија)
  • ферментирани млечни производи (јогурт, сирење, кашкавал)
  • сушено овошје
  • одредени видови зеленчук (модар патлиџан, спанаќ, печурки)
  • преработено или пушено месо
  • конзервирана риба
  • грав
  • некои видови овошје (киви, јагоди, банани, папаја, портокал, лимони, лајм, грејпфрут, ананас, авокадо, домати)
  • чоколадо
  • кафе
  • јаткасти плодови, особено ореви, индиски ореви и кикирики
  • бои за храна и други адитиви
  • риба (скуша, сардина, туна)
  • црн чај
  • енергетски пијалоци.

Ваквото ограничување на исхраната може да ве изложи на ризик од недостаток на хранливи материи, затоа задолжително работете со компетентно здравствено лице, коешто ќе може да ви даде детални насоки во однос на ограничување на одредени видови храна!

  1. Додатоци на исхрана

Истражувањата покажуваат дека одредени видови на додатоци на исхрана,  можат значително да ги подобрат симптомите на сезонски алергии:

  • Кверцетин. Познат по своите антиинфламаторни и антиоксидантни својства, е еден од основните додатоци на исхрана што треба да го имате.

 

  • Бромелаин. Ова е ензим кој природно се наоѓа во папајата и ананасот. Во Македонија можете да најдете додаток на исхрана, кој истовремено содржи и кверцетин и бромелаин.

 

  • D3-витамин. Истражувањата покажуваат дека лицата со сезонски алергии се значително дефицитарни на D-витамин, затоа ова е уште еден додаток којшто е добро да го вклучите во борбата со сезонските алергии.

 

  • N-ацетил цистеин (NAC). Тој е претходник на „главниот антиоксиданс“ во нашето тело, т.н. глутатион. Овој додаток на исхраната помага за разредување на секретот што се формира во мукозните мембрани на респираторниот тракт.

 

  • C-витамин- е уште еден природен антихистамин, кој може да го спречи телото да ослободува хистамин и да направи истиот побрзо да се разгради, откако веќе ќе се ослободи.

 

  1. Фокусирајте се на дигестивното здравје

За да се има здрав цревен микробиом, потребно е изобилство од пробиотици или т.н. „добри бактерии“. Постојат силни докази дека пробиотиците можат да ги намалат симптомите на сезонската алергија, преку нивната способност да регулираат неколку медијатори на имунолошкиот систем, вклучително и интерлеукини и цитокини. Еве како да постигнете подобрување на микробиомот:

Зголемете го внесот на растителни влакна

Растителните влакна се многу важни во исхраната бидејќи ги хранат корисните бактерии во цревата и придонесуваат за поздрав цревен микробиом. Растителните влакна, исто така, ја намалуваат појавата на алергиски реакции преку регулирање на ослободувањето на хистамин, како и регулирање на функцијата на Т-клетките. Главните извори на растителни влакна се:

  • зеленчук
  • мешунки
  • овошје
  • јаткасти плодови

Намалете ја консумацијата на трансмастите

Прекумерното консумирање на транс масти е поврзано со зголемен ризик од алергиски симптоми.

  1. Плакнење на носот со техниката Џала нети

Прочистување на носот (назална иригација)

Плакнењето на носот и синусите e древна јога-техника на чистење на носот и синусите со вода, уште позната како Џала нети, која помага за ублажување на симптомите на сезонските алергии. За подобар ефект може да додадете морска сол.

Применувањето на горенаведените методи може да доведе до драстично намалување на симптомите на сезонски алергии. Се надевам дека оваа статија ќе ви биде од помош за добар старт во борба со сезонските алергии.

 

Референции:

Blake, K. (2023, May 22). Anti Inflammatory Diet 101: What to Eat and Avoid Plus Specialty Labs To Monitor Results

Cloyd, J. (2023, April 6). Functional Medicine Histamine Intolerance Support Protocol

Cucca, V., Ramirez, G. A., Pignatti, P., Asperti, C., Russo, M., Breda, D., Burastero, S. E., Dagna, L., & Yacoub, M. (2022). Basal Serum Diamine Oxidase Levels as a Biomarker of Histamine Intolerance: A Retrospective Cohort Study

Eshaghi Ghalibaf, M. H., Kianian, F., Beigoli, S., Behrouz, S., Marefati, N., Boskabady, M., & Boskabady, M. H. (2023). The effects of vitamin C on respiratory, allergic and immunological diseases: An experimental and clinical-based review

Mlcek, J., Jurikova, T., Skrovankova, S., & Sochor, J. (2016). Quercetin and Its Anti-Allergic Immune Response

Perkin, M. R., & Strachan, D. P. (2022). The hygiene hypothesis for allergy – conception and evolution.

Peroni, D. G., Nuzzi, G., Trambusti, I., Di Cicco, M. E., & Comberiati, P. (2020). Microbiome Composition and Its Impact on the Development of Allergic Diseases

Watts, A. M., West, N. P., Zhang, P., Smith, P. K., Cripps, A. W., & Cox, A. J. (2020). The Gut Microbiome of Adults with Allergic Rhinitis Is Characterised by Reduced Diversity and an Altered Abundance of Key Microbial Taxa Compared to Controls

Share: